Да се видат условите за живот и да се чујат проблемите со кои се соочуваат граѓаните се причините за денешната посета на премиерот Никола Груевски на струшките села Бороец, Подгорци, Октиси, Лабуништа и Вевчани.
Во рамки на посетата Груевски имаше можност да поразговара со жителите и на терен да се информира за проблемите и да се разгледаат можностите да им се помогне на овие луѓе.
– Во Бороец основно е што треба да се реконструира училиштето на што Министерството за образование ќе пристапи наскоро. Мислевме дека само прозорите треба да се сменат, но, тука видовме дека треба потемелна реконструкција и ќе бидеме фокусирани на тоа, изјави Груевски по посетата на населеното место Бороец.
Мештаните, додаде тој, ни укажаа дека имаат повремени мали проблеми со водоснабдувањето и потреба од правење на локален пат за што, подвлече, дека иако е во надлежност на локалната самоуправа, сепак ќе се разгледа можноста што може да се направи.
За решавање на проблемот со невработеноста, премиерот нагласи дека ќе се труди колку што е можно повеќе компании да се насочат да инвестираат во овој крај.
– Ние подготвуваме технолошко-индустриска развојна зона во Струга, струшкиот регион, која ќе ги опфати Дебарца, Охрид и Вевчани. Таа ќе биде околу 30 хектари, изјави Груевски.
Тој потсети дека минатата година имаше најава од компанија која требаше да инвестира во овој регион и да изгради фабрика со 1.500 директни вработувања, но, како што рече, кога компанијата имаше неформално донесена одлука и требаше да се потврди на борд се случи убиството на петте момчиња на Смиљковското Езеро и компанијата неколку дена подоцна ги известила дека не се чувствуваат комотни да дојдат да инвестираат во Македонија и одлучија да инвестираат во Бугарија.