Американскиот војник Бредли Менинг, кој вчера е осуден на 35 години затвор поради предавање доверливи документи на Викиликс, испрати денеска писмо од затворот во кое вели дека од сега сака животот да го продолжи како жена и оти така се чувствува од детството.
Во писмото насловено „Јас сум жена“, Менинг за себе вели дека се вика Челзи и додава дека сака што е можно поскоро да почне со хормонска терапија. Тој изрази надеж дека неговите приврзаници ќе го поддржат во таа одлука.
Осудениот војник претходно се изјаснуваше како геј, а имаше шпекулации и дека е транссексуалец.
За време на судењето, одбраната како една од причините поради кои Менинг ги открил доверливите документи ја навела и неговата конфузија околу половата ориентација, прикажувајќи му на судот една од фотогафиите на која Менинг има кармин и руса перика.
Во текот на вчерашното изрекување на пресудата, воениот судија полковникот Денис Линд изјави дека Менинг е обврзан да отслужи една третина од казната, по што би можел да стекне правно на условна казна. Тој веќе отслужи три години, колку што се наоѓа во притвор.
Според пресудата Менинг на Викиликс му предал повеќе од 700 илјади доверливи документи, депеши и дипломатски писма на американски официјални претставници. Тој во моментот кога имал пристап до тие документи, работел како аналитичар во американска воена база во Багдад.