Половина од огромната кинеска територија се соочува суша поради рекордните температури на воздухот ова лето водата се намалува, вклучително и во Тибет, покажуваат официјалните податоци.
Во Кина од 1961 година се собираат метеоролошки податоци, што укажуваат дека земјата никогаш немала толку топло лето со толкав интензитет и траење.
Голем број големи градови ги забележаа најтоплите денови од нивното постоење, во југозападните предели температурата на воздухот се искачи до 45 степени Целзиусови. Многу реки почнаа да пресушуваат, вклучувајќи ја и најголемата, Јангце.
Сушата опфати половина од државата. Посебно, погоден е широк копнен дел, кој го опфаќа јужниот дел на автономниот планински Тибет и се протега до источниот брег, каде што е концентриран голем дел од кинеската економија. Оваа огромна област со над 370 милиони жители е покрај реката Јангце.
Според метеоролозите, сушата во некои делови на Тибет е „силна“, па дури и „екстремна“.
Сушата е особено проблематична за земјоделските култури како оризот и сојата, за кои е потребна многу вода.
Кинеската Влада вчера одлучи да деблокира посебен пакет од 10 милијарди јуани (речиси 1,5 милијарди евра) за поддршка на земјоделството, јави државната телевизија.
Извор: МИА