Државниот санитарен и здравствен инспекторат изминатите денови не сакаше да се инволвира во политика и да реагира на партиски обвинувања засновани на невистини. Но со оглед на тоа што тие невистини можат да создадат погрешна слика во јавноста, сметаме дека е неминовно да се изнесат фактите кои некој ги заборавил пред да почне да обвинува, велат од ДСЗИ.
„Во интерес на вистината како директор и институција должна сум да ги изнесам сите фази од споменатиот предмет. Имено, во врска со извршените инспекциски надзори од страна на ДСЗИ во ПЗУ Поликлиника од специјалистичко-консултативна здравствена дејност Промедика Медикал центар–Скопје, Ве известуваме за следното:
На ден 25.07.2018 год. од страна на екипа на ДСЗИ извршен е вонреден инспекциски надзор во ПЗУ Поликлиника од специјалистичко консултативна здравствена дејност Промедика Медикал Центар – Скопје, при што е констатирано дека установата врши интервенции кои се надвор од дозволата за работа;
Врз основа на констатираната фактичка состојба издадено е решение ИП1 бр.09-461 од 25.07.2018 год. со кое на директорот на приватната здравствена установа МУ СЕ ЗАБРАНУВА вршење на хируршки интервенции-катаракта се до добивање на дозвола за работа од Министерството за здравство;
На ден 24.08.2018 год. извршен е контролен инспекциски надзор по издаденото решение при што е констатирано дека СЕ ПОЧИТУВА ЗАБРАНАТА – не се вршат хируршки интервенции за катаракта .
На ден 24.08.2018 год. ДСЗИ со допис бр. 08-1510/2 го известува министерот за здравство за констатираната фактичка состојба по извршените инспекциски надзори;
На ден 28.11.2019 година ПЗУ Поликлиника од специјалистичко-консултативна здравствена дејност Промедика Медикал центар – Скопје се здобива со решение за дозвола за вршење здравствена дејност на нова организациона единица по офталмологија бр.УП1 11-228 издадено од Министерството за здравство;
Во издаденото решение наведено е дека се исполнти услови по однос на простор, опрема и кадар и тоа:
-простор од 2 ординации, 3 простории за дијагностика, просторија за опрема, чекална, санитарен јазол со 2 кабини, 2 простории за интервенции од 36м2 и 118м2.
-опрема со која располага здравствената установа, меѓу кои и Megarton s4 HPS- фако апарат за преден и заден сегмент, Bausch& Lomb Stelaris PC- фако апарат за преден и заден сегмент, анестезиолошки апарати Leon plus, систем за снимање и архивирање на операции, стерилизатор, осум комплети за фако, систем за чист воздух, агрегат.
-Кадар, д-р Наумче Трпеноски –специјалист офталмолог како одговорен носител на дејност и медицинска сестра
Во прилог на решението е и листата на услуги според која е дозволено да се вршат на интервенции во локална анестезија.
7.На барање на министерот за здравство д-р Беким Сали на ден 24.08.2022 година извршен е вонреден инспекциски надзор при што е констатирано дека установата работи согласно наведеното решение за дозвола за работа .
Врз основа на претходното уште еднаш истакнуваме дека ДСЗИ ги извршува своите законски надлежности неселективно, водејќи се при своето работење исклучиво од законските надлежности како и јавниот интерес.
И во иднина стоиме на располагање да ја информираме јавноста за секој аспект од нашата работа во временски рокови детерминирани од расположивите кадровски капацитети на инспекторатот“, велат од ДСЗИ.