Судењата на украински воени заробеници во окупираниот пристанишен град Мариупол, спроведувани од проруски сепаратисти, може да започнат за неколку дена, информираше денеска канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите Нации (ОН), барајќи да се овозможи пристап до затворениците.
Фотографии и видеозаписи што се споделуваат во јавноста „покажуваат како во салата на Филхармонијата во Мариупол се градат метални кафези, очигледно со цел да се задржат воените заробеници за време на процесот“, се наведува во соопштението на Равина Шамдасани, портпаролка на канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН.
Како што таа додава, засега не е јасно на колкав број заробеници ќе им се суди, за што ќе бидат обвинети, каков ќе биде составот на судот.
Според Шамдасани, Високиот комесаријат за човекови права на ОН стравува дека таканаречниот „меѓународен суд“ прогласен од окупаторските власти ќе изрече смртни казни.
Беше истакнато и дека имаат веродостојни извештаи за мачење на некои заробени Украинци.
„Потсетуваме дека меѓународното хуманитарно право забранува основање судови само за судење воени заробеници и оти намерното лишување на воен заробеник од право на правично и регуларно судење е воено злосторство“, подвлече таа.
Лидерот на проруските сепаратисти во источниот украински регион Доњецк, Денис Пушилин соопшти дека „истрагите“ се довршени во 80 случаи, а уапсени се 23 лица.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст објави дека видел некои од заробениците од почетокот на рускиот напад во февруари, но не сите.
Како што се наведува, во многу случаи пристапот бил одбиен или немало безбедносни гаранции за персоналот.
Извор: МИА