Москва во моментов не гледа можност за дипломатско решение на војната во Украина и очекува долг конфликт, изјави постојаниот претставник на Русија во ОН во Женева Генадиј Гатилов.
„Сега не гледам можност за дипломатски контакти. И колку подолго трае конфликтот, толку потешко ќе биде дипломатското решение“, ја пренесува изјавата на Гатилов британскиот весник „Фајненшл Тајмс’“. Тој додава дека нема да има директни разговори меѓу рускиот и украинскиот претседател Владимир Путин и Володимир Зеленски.
Според Гатилов, ОН треба да играат поголема улога во напорите да се стави крај на конфликтот и ги обвини САД и другите земји од НАТО дека вршат притисок врз Украина да ги напушти преговорите.
Тој смета дека ОН заглавиле во „политизација“ што „го поткопа авторитетот на ОН и нивните организации“. „Затоа, ОН не можат ефективно да дејствуваат како посредник“, оценува Гатилов.
За неговите редовни дипломатски активности во Женева, Гатилов појасни дека Русија нема контакти со делегации на западните земји.
„Немаме никакви контакти со западните делегации. За жал, не се гледаме ниту протоколарно ниту приватно… едноставно, не разговараме меѓу себе“ изјави Гатилов за „Фајненшл Тајмс“.
Извор: МИА