Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за француски медиум се задржал на отворањето на преговорите за членство на Албанија во Европската унија, оценувајќи при тоа дека „тоа е суштински чекор за Албанија, која долго време била под комунистички режим“.
Според него Албанија била најизолирана од комунистичките земји, немала билатерални односи и размени дури и со земјите од Истокот кои некогаш припаѓале на комунистичкиот блок.
Додал дека Албанија била Северна Кореја во Европа и дека отворањето на преговорите е темелна промена за неговата земја.
-До сега не познававме правна држава, држава направена исклучиво за граѓанинот, каде судијата е судија, а власта е правилно поделена. Ова е разликата. Освен тоа, Албанија беше најизолирана од комунистичките земји. Немавме никакви односи и размени дури и со земјите од Истокот кои некогаш припаѓаа на комунистичкиот блок. Ние бевме Северна Кореја во Европа. Ова е многу длабока фундаментална промена, изјавил Рама, пренесува АБЦ њуз.
Преговорите на Албанија за членство во ЕУ беа отворени на 18 јули годинава.
Извор: МИА