На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе Одлука за определување највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата за: огревно дрво од даб; огревно дрво од бука и пелети за огрев. Согласно Одлуката највисоката трговска маржа за овие производи за сите трговци се утврдува во висина најмногу до 10%, објави министерот за економија Крешник Бектеши.
Висината на трговска маржа најмногу до 10% за наведените стоки ќе важи за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на мало, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа, известува Министерството за економија.
„Причината за ограничување на трговската маржа се заснова на усогласување на разликите во цените кои сега се присутни во трговијата на мало, односно при продажба на огревно на дрво и пелети за огрев“, се додава во соопштението на Министерството.