Израелските сили (ИДФ) бомбардираа цели во Газа за кои тврдат дека се поврзани со Исламскиот џихад и го убиле командантот на тоа исламистичко милитантно движење, кој најави одмазда тврдејќи дека може да го погоди и Тел Авив.
Локалните здравствени власти соопштија дека во нападот загинале најмалку 10 лица, меѓу кои и едно петгодишно дете, а 44 се ранети. Нападот следуваше по неколкудневните ескалации на тензиите по апсењето на палестинскиот милитантен водач во текот на неделата.
„ИДФ во моментот напаѓа во Појасот Газа. Прогласена е посебна ситуација на израелскиот домашен фронт“, соопшти армијата.
Претставник на палестинскиот Исламски џихад изјави дека Тајсер ал-Џабари, висок командант на движењето, бил убиен во нападите, кои погодиле неколку цели во густо населената област.
Нападите доаѓаат откако Израел го уапси Басам ал-Саади, висок водач на палестинската исламистичка џихадистичка група, за време на рација во окупираниот град Џенин на Западниот Брег претходно оваа недела.
Последователно, сите премини во Газа и околните патишта беа затворени поради страв од репресии од група со седиште во Газа.
Во изјавата емитувана на ТВ „Ал Мајадин“, проирански либански канал, лидерот на исламските џихадисти, Зиад ал-Нахала, вети одмазда за нападите.
Газа, тесен појас на земја на кој живеат 2,3 милиона луѓе на 365 квадратни километри, е постојана точка на конфликт откако Хамас ја презеде контролата врз областа во 2007 година.