Полските власти треба да престанат да притвораат мигранти на границата со Белорусија и да го прекинат нивниот „многу поинаков“ третман кон украинските и неукраинските бегалци, изјави денеска специјалниот известувач на Обединетите нации за бегалци.
Фелипе Гонзалес Моралес ги пофали полските власти и жителите за обезбедување заштита и помош на повеќе од два милиони украински бегалци, пречекувајќи ги во нивните домови од почетокот на руската инвазија.
Но, бегалците кои бегаат од Украина кои не се по потекло од Украина се соочуваат со потешкотии во добивањето дозволи за престој и засолниште и немаат еднаква правна заштита, рече Моралес.
Меѓу бегалците кои бегаат од Украина има и државјани на трети земји, често од Блискиот Исток, Азија и Африка, кои студирале или работеле во таа земја.
– Со загриженост забележувам дека овој пристап на двојни стандарди доведе до чувство на дискриминација меѓу државјаните на трети земји, рече Моралес по посетата на Полска и Белорусија од 12 до 25 јули.
Покрај бегалците од војната во Украина, од 2021 година Полска се соочува и со обиди за преминување на границата со Белорусија од десетици илјади бегалци, повеќето од Блискиот Исток и Авганистан.
Таа криза ја поттикна Полска да воспостави вонредна зона, да изгради ограда и да започне кампања за враќање на мигрантите.
Моралес тврди дека тие „рутински“ се приведуваат во близина на границата, а меѓу нив има и деца, што е кршење на меѓународното хуманитарно право.
– Ја повикав Полска да го користи притворот на мигрантите како последна можна мерка за да се запре практиката на притворање деца, рече тој и ги повика властите „веднаш да ги ослободат децата без придружба, децата со семејства, бремените жени и лицата со ментални потешкотии“.
Извор: МИА