Деталите од најавеното партнерство помеѓу Порше и Ред бул првпат се појавија во официјален документ, а официјализацијата на договорот се очекува на 4 август, јавуваат повеќе специјализирани Ф1 медиуми.
Во документот се потврдува планот на германската компанија да откупи 50 отсто од Формула 1 тимот на Ред бул, и да склучат партнерство кое ќе трае 10 години. Иако во документот, поднесен во Мароко, се јавува само името на „Ред бул технолоџи“, се верува дека тој се однесува и на сестринскиот тим Алфа Таури.
Шпекулациите за партнерството на двете компании траат подолго време, откако германската компанија потврди дека влегуваа во Формула 1 во 2026, кога ќе има нова промена на правилата за моторите, која треба да биде потврдена од ФИА.
Порше не се единствената германска компанија која сака влез во Формула 1, откако се верува дека Ауди, исто така дел од Фолскваген групацијата, се поврзува со откуп на тимот на Заубер, кој сега се натпреварува под име Алфа Ромео по партнерството со Ферари.
Извор: Топспорт