Шпанија и порача денеска на Велика Британија дека мора да ги отстрани бетонските блокови во водата кај Гибралтар за Мадрид да прифати дијалог во спорот околу оваа британска прекуморска територија.
Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Гарсија-Маргаљо во текст, објавен во „Волстрит Џурнал“ остро ја критикуваше изградбата на бетонскиот гребен во водите во кои ловат шпанските рибари.
Шпанија е подготвена за дијалог со Велика Британија и прифаќа организирање на ад-хок форум меѓу Гибралтар и шпанската провинција Андалузија, за решавање на прашањата што се однесуваат на жителите на двете страни од границата, изјави Гарсија-Маргаљо.
– Сепак, како што шпанскиот премиер Маријано Рахој на почетокот на месецот му порача на британскиот премиер Дејвид Камерон, дека најпрво е неопходно Британија да покаже дека има намера да ја поправи предизвиканата штета, пред се со отстранување на бетонските блокови, изјави шпанскиот министер.