Од септември, компаниите секој прв понеделник на средба со министерот за економија

Од:

Секој прв понеделник во месецот компаниите ќе се среќаваат со министерот за економија Ваљон Сарачини. Ова го предвидува проектот „Отворено со бизнисот“ чија реализација почнува идниот месец со цел, преку отворен дијалог со деловниот сектор да се олесни процесот на носење регулативи и правилници значајни за стопанството.

Преку проектот, како што соопшти Министерството за економија, ќе се лоцираат сите административни точки кои ги отежнуваат условите за водење бизнис. Истовремено, преку редовна комуникација, ќе се отвори можност за побрзо имплементирање новини кои се од клучно значење за бизнисите, а ќе произлезат од потребите на пазарите.

– Создавање поконкурентна економија, развој на претприемништвото и иновациите и подобрување на позициите на компаниите на странски пазари е вревен приоритет на Министерството за економија. Овие цели можат да се исполнат само преку зајакнато партнерство и отворен дијалог со бизнисот. Сакаме дополнително да ја зајакнеме соработката и на тој начин да делуваме ефикасно во интерес на бизнисот и подобрување на економската состојба во целина, истакна ресорниот министер Ваљон Сарачини.

Во рамките на „Отворено со бизнисот“ компаниите ќе можат да ги изложат своите предизвици и да предложат решенија за нивно надминување, да дадат свои идеи во врска со можностите за дополнително скратување на роковите за одредени процедури, но и да се информираат за пристапот до средства од ИПА фондовите и другите кредитни линии. Преку проектот воедно, дополнително ќе се афирмира и техничката поддршка што ја нуди Министерството за економија за компаниите преку различни наменски програми.

Министерот Сарачини најави дека во рамки на овој проект ќе се прават и анонимни анкети и истражувања во компаниите за подобрување на работата и за најчестите пречки во водењето бизнис, како и истражувања за можностите и потенцијалите на фирмите и нивните потреби во насока на подобрување на бизнисот.

Министерството за економија и досега одржуваше редовни средби со бизнис заедницата. Како резултат на тоа, по барање на бизнис секторот, донесени се неколку нови законски решенија и измени на постојни. Законите за трговски друштва, за стечај, за енергетика, за минерални суровини, за едношалтерски систем,…, се изменети и дополнети по барање на бизнис заедницата во најкраток можен рок за да создадат реални услови за дополнително подобрување на бизнис климата.

Според Министерството, како резултат на интензивираниот дијалог со бизнис заедницата зголемен е и бројот на компаниите што ги користат средствата од ИПА фондовите и другите програми за подршка на бизнисот.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ е платформа за поврзување на регионот со светот

MINT Fintech Group ја поддржа eCommerce конференцијата 2024 како бронзен партнер

АД МЕПСО ги прекинува сите видови на донации и спонзорства до крајот на оваа година

Матарела повика на отстранување на бариерите кои го попречуваат влезот на италијанските производи на кинескиот пазар

Предраг Петровиќ

Победата на Доналд Трамп на американските избори го зајакна доларот во однос на еврото

Буџетот за 2025 година усвоен на владина седница