Во изминатите 72 часа, односно за само три дена во Грција бил регистриран вкупно 141 пожар, а повеќето од нив веднаш биле ставени под контрола, соопшти портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Иконому истакна дека од „ланското непријатно искуство“ со пожарите извлекле поуки, се реорганизирале и оваа година можат подобро да управуваат со пожарите, како во однос на превенцијата, така и во однос на справувањето.
Детално се осврна на пожарот што е ативен веќе петти ден во Националниот парк Дадиа во областа Еврос, бидејќи, како што објасни, станува збор за вреден и еколошки важен шумски екосистем, 42.000 хектари со многу густа вегетација и непрооден и невозможен пристап.
Одговарајќи на новинарско прашање дали постојат докази за евентуално пожарите да се подметнати Иконому рече дека „сè се истражува“, нагласувајќи дека постојат области како што е регионот Илиа на Пелопонез, за кои има сериозни индиции и каде предизвикува загриженост честото појавување на пожари.
Извор: МИА