Со акција за собирање отпад по тридневниот Еко-грин фестивал кој викендов се одржуваше во Маврово, заокружени се активностите од кампањата Македонија без отпад 2013 – чистење на националните паркови.
Активностите со директно учество ги поддржаа министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми и неговиот заменик Стево Темелковски. Се чистеше на фудбалските терени во село Маврово, на ски-патеките, по крајбрежјето на Мавровско Езеро до црквата во вода, по течението и притоките на реката Радика и на сите излетнички места кои деновиве беа посетени од туристи.
Кампањата имаше за цел да влијае врз развивање на свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот и на развивање механизми за подршка на граѓаните, општините и другите засегнати групи за подобро да се справат со неорганизираното и незаконско фрлање отпад во нивните заедници.
Во чистењето на Националниот парк Пелистер беа вклучени децата кои се наоѓаат на рехабилитација на Пелистер, вработените од ЈУНП Пелистер, планинарскиот спортски клуб „Пелистер„ од Битола, Планинарско – Алпинистичкиот клуб „Димитар Илиевски-Мурато“, НВО Младински културен центар Битола, НВО Биосфера, волонтери на Црвениот Крст, вработените во хотелот „Молика“, Еко-клуб од Битола со транспортно возило за подигање на собраниот смет, ЈКП Комуналец Битола по налог на градоначалникот општина Битола, а клиничката болница Битола се вклучи со обезбедување санитетско возило за превентивни цели.