Со концерт на српскиот виолинист Немања Радуловиќ во пијано придружба на Сузан Маноф од САД, вечер ќе заврши музичкиот дел од програмата на 53. „Охридско лето“.
Селекторот на музичката програма Гордана Јосифова-Неделковска денеска на прес-конференција истакна дека во конципирањето на фестивалската програма особено внимание се посветува на изборот на уметник за концертот на свеченото отворање, но исто така и за затворањето на фестивалот.
– И оваа година имаме исклучително звучно име на последниот, завршен концерт на музичката програма на ова 53. издание. Навистина сме горди што годинава го имаме виолинистот Немања Радуловиќ, којшто се вбројува во листата на најпознатите, најуспешните и највпечатливите уметници на денешната музичка сцена и со своите атрактивни настапи го одушевува аудиториумот низ целиот свет. Тој ќе настапи со пијанистката Сузан Маноф, добро позната по својот афинитет кон камерната музика и ансамбловото музицирање, а со тоа – и еден од најбараните пијано соработници, рече Јосифова-Неделковска.
Радуловиќ, кој вторпат настапува на „Охридско лето“, воодушевен од „Света Софија“, вети концерт достоен за крај на музичкиот дел од програмата.
– „Света Софија“ не воодушеви и со изгледот и со акустиката и со богатата историја која е содржана во неа. Има поврзаност помеѓу музиката и архитектурата и тоа е многу инспиративно за еден уметник. Посебно ни е драго што го завршуваме музичкиот дел од Фестивалот. Мислам дека секој концерт е подеднакво битен, но за организаторот најважно е отворањето и затворањето на Фестивалот. Тоа е исто како за уметниците, првите ноти од концертот и последните се најважни, рече Радуловиќ.
И за Маноф, црквата „Света Софија“ е најпрекрасното место каде ќе настапи и тоа, како што рече, ја прави возбудата уште поголема.
– Да се свири на вакво место ве води кон нови димензии, кон ново искуство и тоа е прекрасно, рече Маноф.
Познатиот виолинист со атрактивни настапи, кој се вбројува меѓу највпечатливите уметници од младата генерација на денешната музичка сцена, и пијанистката позната по својот афинитет кон камерната музика, во акустичната „Света Софија“ ќе изведат дела на Чајковски, Моцарт, Бах, Франк, Равел.