Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе ја претстави својата стратегија за Блискиот Исток.
Како што пренесуваат странските агенции, тој ќе го стори тоа кога ќе ја заврши последната етапа од четиридневното патување во регионот, со цел да ја зајакне позицијата на САД и да ги усогласи нејзините земји против Иран.
Во саудискиот пристанишен град Џеда на Црвеното Море, Бајден ќе се сретне со шефовите на држави на шест арапски земји од Залив, како и со лидерите на Египет, Јордан и Ирак на регионален самит.
„Кога ќе разговара со Советот за соработка во Заливот и неговите арапски сојузници, американскиот претседател ќе ја понуди својата најреална визија досега за регионот и модели за негова соработка со САД“, соопшти Белата куќа.
– Тоа е стратегија што е соодветна за 2022 година, за разлика од двете децении големи копнени војни што САД ги водеа во овој регион во 2000-тите, рече советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан.
Цените на енергијата, кои пораснаа по руската инвазија на Украина, се очекува да бидат високо на агендата на денешниот самит, но не се очекува Бајден да замине со договор регионалните производители веднаш да ги зголемат испораките на нафта.
На самитот ќе се разговара и за стабилноста и безбедноста на регионот, како и за загриженоста на земјите од Заливот за безбедноста на храната, климатските промени и постојаната закана од тероризам.
Американскиот претседател Џо Бајден ја започна својата посета на Саудиска Арабија синоќа со средба со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и кралот Салман во обид да ги обнови односите со моќната блискоисточна сила и најголемиот светски производител на нафта.
Тој претходно го посети Израел, првата дестинација на неговата блискоисточна турнеја, нудејќи им гаранции на израелските лидери со кои се сретна дека е решен да ја запре иранската нуклеарна програма, па дури и да употреби сила „како последно средство“.
Извор: МИА