Струмичани полека влегуваат во работниот ритам по синоќешната забава на градскиот плоштад, последна од трите музички вечери во рамките на Струмица опен фест.
Градскиот плоштад беше полн, се јадеше скара, се пиеше пиво и се играше и пееше до доцните ноќни часови, струмичани уште еднаш потврдија дека се вистински мајстори за забави под отворено небо, а уживаа и огромниот број посетители кои во Струмица дојдоа од сите краишта во државата.
Се тресеше плоштадот од музиката на Џамбо Агушев, Ален Исламовиќ, а забавата кулминираше со настапот на балканската ѕвезда Северина.
Облечена во ултра кратко фустанче, со нејзините секси движења на сцената таа ја шармираше публиката која постојано и возвраќаше со пеење на нејзините песни и силен аплауз. Пред настапот, Северина се сретна со градоначалникот Зоран Заев, кој како добар домаќин и подари струмичка мастика.
Во последната музичка вечер настапија и Ален Исламовиќ и Џамбо Агушев со неговиот оркестар кои одлично ја загреаа атмосферата пред настапот на Северина.
Десетдневното второ издание на Струмица опен фест завршува вечерва во малиот градски парк со продажба на делата создадени на ликовната колонија која работеше во рамките на фестивалот, а средствата ќе бидат ќе се искористат во хуманитарни цели.