Камерниот ансамбл на Филхармонијата, „Нов здив“, овој петок, во 21 часот, ќе настапи во црквата „Св.Софија“ во рамките на фестивалот Охридско лето. Станува збор за настан во организација на Филхармонија на Македонија, кој се реализира како дел од програмата на најстариот фестивал во земјата.
На програмата се Verklärte Nacht за гудачки секстет од Арнолд Шенберг, „Омен“ за соло сопран, кларинет, виолина, виолончело и ударни инструменти од Валентина Велковска-Трајановска и пијано квинтет од Антон Веберн. Диригент е Паскал Галоа од Франција.
Идејата за овој концерт на камерниот ансамбл „Нов здив“ произлегува од желбата и предизвиците за изведба и на современа музика на нашата музичка сцена и фактот што во нашата држава не постојат многу состави што се длабински посветени на новата музика. Членовите на камерниот ансамбл „Нов здив“ на Филхармонијата во соработка со диригентот Паскал Галоа од Франција грижливо прават селекција на композиции од македонски и светски автори. Сите композиции што се дел од програмата на овој концерт се ретко изведувани, а некои од нив и премиерно ќе се изведат во РС Македонија, a наедно ова ќе биде и премиерно преставување на камерниот ансамбл „Нов здив“.
Членови на новоформираниот ансамбл „Нов здив“ се Бојан Илкоски (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтијари (виола), Александар Лаовски (виола), Паскал Краповски (виолончело), Драган Гоневски (виолончело), Игор Бакревски (кларинет), Маријана Николовска (пијано) и Атанас Алексов (ударни инструменти). Како солистка ќе настапи и сопранистката Гонца Богоромова-Краповски.