Утревечер, во 21 часот, во „МКЦ парк киното“, во рамките на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“, ќе се одржи премиера на краткометражниот игран филм „Синиот час“ по сценарио и во режија на Ана Јакимска.
„Синиот час“ е копродукција на „Кавал филм“ од Скопје со „Круг филм“ и „Филмс за нас“. Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм.
„Синиот час“ е приказна за Петра, девојка со потекло од мало провинциско гратче, која живее и работи во Скопје, каде што успеала да се избори за своето место, да се интегрира во урбаната средина и да се реализира на професионален план. Во обид да ги оствари своите соништа за иднината и на љубовен план, за време на предновогодишната забава организирана од компанијата во која работи таа се впушта во романтична авантура со колегата кој ѝ се допаѓа. Но, во исто време во посета ѝ доаѓа мајка ѝ. Ова совпаѓање на настаните го става на тест односот помеѓу мајката и ќерката. Преку нивниот однос и внатрешните превирања на Петра филмот го отсликува и судирот помеѓу два концепта на живеење, модерните текови на животот во Скопје како главен град во подем и конзервативните убедувања на луѓето доселени од внатрешноста на земјата во транзициските 90-ти години од минатиот век.
Улогите во филмот ги толкуваат: Наташа Петровиќ, Жаклина Стевковска, Дарко Набаков и Тамара Ристоска.
Директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф – Симо Бранов, монтажер – Горјан Атанасов, дизајнер на звук – Игор Поповски, композитор – Тони Китановски, костимограф – Жаклина Крстевска и шминкер – Жанета Димитриевска. Продуцент на филмот е Роберт Јазаџиски.