Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Алеш Пипан не е задоволен по синоќешниот пораз во контролниот пријателски натпревар од Литванија. Словенечкиот стратег ги лоцира проблемите во играта на „црвено-жолтите“, но потенцира дека не е ништо страшно, бидејќи постои време и желба за да се извршат корекции во претстојниот финален подготвителен период.
– Нормално, ниту еден пораз не е добар. Видовме каква е моменталната состојба на двете селекции и дека не чека уште многу работа во следните 14 дена. Кај нас имаше доста слабости и во нападот и во одбраната и по ова заедно ќе седнеме и ќе го анализираме овој натпревар. Она што треба да биде јасно е дека ние не се подготвуваме за овој дуел со Литванија, видовте дека играчите имаат тешки нозе, се уште тешко се движат и дека не е тоа она што може да се очекува од нив. Немавме квалитетен проток на топката во нападот, пренесувањето на топката исто така не беше на потребното ниво, а контра-нападите воопшто и ги немаше – изјави селекторот Алеш Пипан.
– Евидентно е дека играчите кои подоцна се приклучија немаат сила да одиграат како што знаат и умеат, а и како што јас би сакал да ги видам на теренот. Но, сето тоа може да се надокнади со секојдневните тренинзи кои ги имаме. Од друга страна мора да се каже и дека тие нe натскокаа, имаа многу повеќе скокови од нас, но не треба сега да тагуваме за овој пораз. Уште еднаш велам, ние се подготвуваме за Европското првенство и најважно е таму да се покажеме во вистинско светло. До тогаш имаме две недели и пет пријателски натпревари на кои од средба во средба мораме да видиме одреден напредок во играта – заврши Пипан во изјавата по натпреварот.
Нашата репрезентација утре патува за Шпанија, каде ќе одигра две пријателски средби против домашната репрезентација. Веднаш потоа кошаркарите патуваат за Германија каде ќе настапат на силен турнир на кој покрај домаќинот, ќе играат и селекциите на Турција и на Босна и Херцеговина. Потоа ќе следуваат неколку денови тренинзи во Скопје, пред патувањето за Словенија на 2 септември, за почеток на Европското Првенство.