Аргентинскиот министер за економија Мартин Гузман вчера поднесе оставка на функцијата бидејќи се појавија големи поделби во владејачката коалиција околу тоа како земјата да се справи со растечката економска криза.
Гузман, кој стана министер во 2019 година и е близок соработник на претседателот Албрето Фернандез, на твит ја соопшти својата одлука, додавајќи дека ја задржал „довербата во својата визија за патот по кој Аргентина треба да оди“.
Актуелниот претседател на левиот центар се соочува со најнизок рејтинг откако ја презеде функцијата во 2019 година, надополнет со колапсот на коалицијата, инфлација од над 60 отсто, зголемен притисок врз аргентинскиот пезос и државни обврзници на рекордно ниско ниво.
Гузман се судри со моќната потпретседателка Кристина Фернандез де Киршнер, милитантна поранешна претседателка во два мандата, која го критикуваше неговото управување со економијата и повика на повеќе трошоци за ублажување на високите нивоа на сиромаштија.
Оставката го остави Министерството за економија без лидер токму во моментот кога се очекуваше Гузман да отпатува во Европа за да преговара со Парискиот клуб на доверители за долгот од две милијарди долари на државните кредитори.
„Тоа е хроника на една предвидена смрт“, изјави Мариел Форнони, директорката на консултантската фирма „Менаџмент и Фит“, додавајќи дека болниот пораз на владата на изборите на средината од мандатот имаше големо влијание врз претседателот Фернандез.
-Сега тој изгуби уште едно парче на таблата, можеби најважното, и тој е се повеќе и повеќе сам, рече таа.
Гузман кажа дека „треба да се постигне политички договор во владејачката коалиција“ за изборот на неговиот наследник.
Од претседателскиот кабинет соопштија дека се уште не знаат кога ќе биде соопштена замената за Гузман. Фернандез ги повика сите членови на кабинетот и сојузниците на итен состанок, изјави еден владин извор.
-Претседателот длабоко жали за одлуката, но ја почитува. Тој ги анализира своите следни одлуки, рече друг владин извор запознаен со ова прашање.
Извор: МИА