Регулаторната комисија за енергетика во пресрет на јавната седница за тоа колку точно ќе изнесува цената на електричната енергија од следниот месец ја објави одлуката за одобрување на цената на универзалниот снабдувач „ЕВН хоме“ ДОО според блокови и коефициенти за малите потрошувачи и домаќинствата.
РКЕ одлучи просечната цена за продажба на електрична енергија во периодот од 1 јули 2022 година до 30 јуни 2023 година да изнесува максимални 4,3983 денари за киловат-час електрична енергија, а ЕВН до своите потрошувачи треба да испорача вкупно 4.160.577.137 киловат-часови електрична енергија за сума од 18.299.432.943 денари.
Според табелите на РКЕ, во високата или скапа тарифа, во првиот блок до 210 киловат-часа, семејствата нема да плаќаат поскапо затоа што ЕВН бара за нив цена од 4,35 денари за киловат-час.
Во вториот блок, во кој влегуваат домаќинствата што трошат од 211 до 630 киловат-часа, основната цена се множи со 1,07, а ЕВН бара 4,69 денари за киловат-час потрошена струја.
Оние домаќинства во третиот блок, од 631 до 1.050 киловат-часа, би плаќале 5,27 денари за киловат-час, а во последниот блок во скапа тарифа, кој е за домаќинствата што месечно трошат од 1.050 киловат-часа па нагоре, ќе се плаќа по 14,07 денари за киловат-час. Во ниската тарифа ќе нема блокови и таа се множи со коефициент 0,14, а ЕВН за неа бара 0,618 денари за киловат-час.
Кај малите потрошувачи, како што се малите фирми, училиштата, градинките, кои остануваат на регулираниот пазар, во периодот на висока тарифа ќе се плаќа 13,9 денари за киловат-час, а евтината струја за нив ќе биде 10,11 денари за киловат-час.
РКЕ во моментот ја носи одлуката за конечните цени на електричната енергија во сите блокови. Во конечните цени ќе бидат пресметани трошоците на „ЕВН хоме“, АД ЕСМ, МЕМО, АД МЕПСО и на „Електродистрибуција“.