Најавена средба на претседателите на САД и Мексико, на која ќе разговараат за прашањето на мигрантите

Од:

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор најави дека ќе се сретне со неговиот американски колега Џо Бајден на 12 јули во Вашингтон, а миграцијата е на врвот на агендата, откако се случи уште една трагедија при трговија со луѓе.

Лопез Обрадор рече дека најмалку 22 Мексиканци се меѓу 48-те луѓе кои загинаа во и околу камионот со приколка, кој вчера беше пронајден напуштен во американската сојузна држава Тексас.

Тој рече дека миграцијата е „централно“ прашање за кое ќе разговара со Бајден, опишувајќи ја несреќата – една од најлошите во САД во последниве години – како „огромна катастрофа“.

Лопез Обрадор повика на чекори за решавање на статусот на мигрантите и за договори со Вашингтон и Отава за привремени работни визи.

Бајден денеска изјави дека смртта на 48 мигранти во близина на американскиот град Сан Антонио е „застрашувачка и многу тажна“.

– Сè уште ги дознаваме сите факти за настанот, Министерството за внатрешни работи води истрага, првите извештаи велат дека оваа трагедија е предизвикана од шверцери или трговци, кои не ги почитуваат животите на оние кои ги доведуваат во опасност или ги експлоатираат поради профит, рече Бајден.

Тој додаде дека експлоатацијата на ранливи поединци е „срамна“, како и „политичката самопромоција“ преку трагедија.

– Мојата администрација ќе продолжи да прави се што е можно за да ги спречи шверцерите и трговците со луѓе да ги искористуваат оние кои сакаат да влезат во САД вон официјалните премини, рече Бајден.

Вчера 48 лица беа пронајдени мртви во напуштен камион со приколка во близина на Сан Антонио, а властите веруваат дека најверојатно ги превезувале шверцери на луѓе. Температурата во Сан Антонио вќера беше околу 38 степени.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија

САД воведоа нови санкции против Русија