Владата го разреши директорот на затворот „Идризово“, Реџеп Реџепи, дознава „А1он“. На негово место е назначен друг кадар на Алтернатива, партија која раководи со овој ресор. Разрешувањето на Реџепи доаѓа по рацијата која беше извршена со судска наредба во затворот, а каде беа пронајдени дрога, ножеви и телефони.
Од Владата за „А1он“ ја потврдуваат оваа информација. Одлуката е донесена на денешната попладневна седница.
На местото од Реџепи, доаѓа Шпенд Тахири. Засега нема повеќе информации за неговото образование и неговата стручност да раководи со оваа казнено поправна институција.
Претходно, министерот за правда, Никола Тупанчески по рацијата во затворот кажа дека никој нема да биде поштеден од одговорност за пронајдените предмети.
„Би требало да има градација на одговорност затоа што тука не се работи за дисциплинска одговорност. Постапката за именување и разрешување на директор на КПУ е утврдена со закон. Таму е јасно наведено дека доколку некој не ги исполнува условите тогаш не може да зборуваме за професионализација на затворскиот менаџмент“, рече Тупанчески на средина од јуни.
Точните причини и дали кај разрешениот Реџепи е утврдена одговорност – засега е непознато.