Тринаесетте раскази од оваа книга се занимаваат со размислувањата околу тоа што се менува со текот на времето во светот на протагонистите и на што му е судено вечно да трае. Се поставуваат прашања за човековото битие, љубовта, личната слобода, Бог и судбината, покрај кои животот на современиот човек се доживува како најголемо постигнување.
Кратките раскази на Ополскаите започнуваат со приказ на односите во рамките на едно семејство: меѓу сопружниците, родителите и децата, браќата и сестрите, понекогаш меѓу блиските пријатели или љубовниците. Темите на предавството или гризењето на совеста се истражуваат преку јазикот, кој е нежен и богат.
Еден соголен реализам на човековото постоење силно дејствува врз читателската фантазија, а некои елементи на мистика и фантастика одржуваат рамнотежа меѓу видливиот свет и магичниот реализам.
Расказите се пишувани во период од осумнаесет години, период во кој добија највисоки оценки од книжевната критика. „Решетки“ во 2018 година ја освојува „Нобеловата награда за литвански кратки раскази“, а расказот „Дојди преку мразот“ е награден со наградата „Јургис Кунчинас“.
Во 2019 година „Пирамидите на денот“ ја добива престижната Награда за литература на Европската Унија.
Даина Ополскаите (1979) е литванска писателка. Родена е во Вилкавишкис, југозападна Литванија. Дипломирала литвански јазик и книжевност и моментално работи како наставник во средно училиште во родниот град. Уште за својата прва книга ја добила наградата на Литванското друштво на писатели. Даина е позната како авторка на наградувани книги за млади. Присутна е и во медиумите, каде што објавува кратки раскази, рецензии и есеи.
Во изданието на „Пирамидите на денот“ на македонски јазик преводот е дело на Душко Крстевски, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
За преведувачот: Душко Крстевски е роден на 22 мај 1981 година во Скопје, каде што се школува и моментално работи. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, каде што моментално е магистранд по македонска литература. Застапуван е во неколку антологии на македонската млада поезија. Преведува од бугарски јазик, како за домашната културна сцена така и во рамките на интернационалниот проект „Across Europe“. Исто така, преведува и од хрватски и од српски јазик. Моментално работи како професор по македонски јазик и литература во Меѓународните училишта НОВА во Скопје.