Ирачкиот министер за надворешни работи Хошијар Зебари изјави вчера дека американски беспилотни летала може да бидат дислоцирани во Ирак, за да помогнат во борбата против заканата од Ал каеда.
Тој истакна дека ирачките сили за безбедност имаат потреба од помошта на САД во собирање и анализирање разузнавачки податоци.
Според него, ограничен број американски инструктори за борба против тероризмот може да бидат пратени во Ирак. Зебари додаде дека беспилотните авиони може да бидат дел од пакетот американска помош за Ирак.
Засега нема коментар од Пентагон и Стејт департментот за изјавата на шефот на ирачката дипломатија.