Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид изјави дека нема да чека нови избори за да се справи со бројните предизвици и дека ќе се соочи со нив веднаш штом ќе ја преземе функцијата привремен премиер од актуелниот премиер Нафтали Бенет.
-Треба да се справиме со трошоците за живот, да водиме кампања против Иран, Хамас и Хезболах и да се спротивставиме на силите кои се закануваат да го претворат Израел во недемократска земја, рече Лапид.
Претходно, израелската Влада потврди дека ќе го распушти парламентот и ќе се подготви за нови избори по неколкунеделниот засилен притисок врз кревката владејачка коалиција на Бенет.
Претходно британските медиуми јавија дека неименуван израелски функционер изјавил дека Бенет и Лапид се договориле за распуштање на парламентот и дека Лапид во меѓувреме ќе ја преземе функцијата премиер.
Следната недела ќе се одржи гласање во парламентот, по што Лапид ќе ја преземе премиерската функција, рече претставникот.
Извор: МИА