Гарантирањето на слободата на изразување и на другите фундаментални права е услов за една земја да и се придружи на ЕУ, но за тоа кога и како точно да се реформира закондавството за медиумите во земјата одлучуваат националните власти и чинители, стои во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Скопје по последната дебата во Скопје за предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кое Европската комисија ја појаснува својата улога во тој процес.
Од Делегацијата на ЕУ посочуваат дека подготовката на новите закони за медиуми кои ќе го заменат постојниот Закон за радиодифузија почнала во 2011 година, на иницијатива на националните власти и, како што се наведува, не на специфично барање на Европската комисија.
За делот, пак, од предложеното законодавство, кој се прилагодува на ЕУ законите (Директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги), Европската комисија и обезбедила на Владата независна техничка експертиза во 2011, 2012 и 2013 година. Делегацијата на ЕУ смета дека Владата не смее да брза со носење на вака значаен закон.