Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу денеска во Сараево изјави дека Турција е непристрасна кога станува збор за прашањата во БиХ, дека исто разговара со сите и дека Милорад Додик е член на Претседателството на БиХ
„Позицијата на Турција е јасна. Сакале или не, Милорад Додик е член на Претседателството на БиХ. На сите состаноци ја изразуваме непристрасноста на нашите позиции. Со сите соговорници разговараме на ист начин кога станува збор за одлуките што ги носи РС ентитет, кога станува збор за политичкиот и територијалниот интегритет на БиХ. Нашиот став е јасен со кого и да разговараме“, рече Чавушоглу по средбата со министерката за надворешни работи на БиХ, Бисера Турковиќ.
Како што посочи, на средбата станало збор за билатералните односи, но и за регионални и други прашања.
„Многу е важно да се истакне дека нашите односи се сеопфатни и многу продуктивни во сите прашања. Оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу нашите земји“, рече тој.
Како што посочува, соработката се развива и во политичка и во воена смисла.
„Продолжуваме да ја развиваме соработката во политичка, економска и воена смисла. Во 2021 година беше постигната целта од една милијарда долари во обемот на надворешната трговија. За оваа година сакаме да ја подигнеме на повисоко ниво“, изјави шефот на турската дипломатија.
Тој зборуваше и за покренување иницијативи за одржување состанок на кој ќе учествуваат претседателите на Турција, Хрватска, Србија и претставници на народите во БиХ.