Од печат излезе „Столб што пее“, новиот роман на македонскиот писател Томислав Османли, издание на книгоиздателтвото „ВиГ Зеница“ од Скопје. Ова е четврти роман на истакнатиот писател, добитник на високи домашни награди за своето книжевно творештво, автор на над триесет книги од различни жанрови и книжевник со бројни творби преведувани во странство.
„Столб што пее“ е роман со сложен хронотоп и наратив. Неговото дејство е транс-историско и се одвива паралелно: во антиката, во дваесеттото и во ова столетие. Почнува во првиот век на нашата ера кога еден умирачки антички мелограф и филозофски поет ќе нѝ ја остави најстарата преживеана песна од древните времиња, што се гласи со лирски тон и со оптимистичка порака; преку малоазиската војна 1919-1922 која е еден меѓунационален и меѓуверски масакр изведен во продолжение на Првата светска војна…; сѐ до нашево совремие, до оваа травматична 2022 година и новото опасно завојувано столетие. Романот дава жестока панорамска слика на вековите и посебно на оваа епоха на глобално распалувани војни.
Просторот на неговите паралелно водени фабули ги опфаќа древна и современа Мала Азија (Јонија со Анадолија, Сирија, Турција), суровите води на бегалскиот Медитеран по кој со годни допловуваат, но и потресно ги завршуваат животите безбројни бегалци од унесреќените земји на Третиот свет, пред негостољубивите води и граници на државите од Европа, во незгасната надеж дека некако ќе допрат до една од северните, главно недостижни земји; простори на надежта за конечно пројадена благосостојба и каков-таков спокој…
Книгата со романот „Столб што пее“ го вклучува предговорот на писателот и издавач Глигор Стојковски, насловен „Археологија на човековата омраза“.
-Новиот роман на Томислав Османли е еден вид книжевен крик за масовните човечки страдања од неизлечивата болест на историјата и на жестоките војни, на насилноста, одмаздољубивоста, суровоста како својства на т.н. цивилизација низ целиот нејзин тек, нараснати особено денес – вели Глигор Стојковски за романот „Столб што пее“ – Оваа книга носи еден згуснат наратив посветен на драматичната разлика што постои меѓу мирољубивите учења, догми и доктрини на луѓето од дух, од морал и човекољубие… и на самата тврдокорна, насилна суштина на историјата на омразите, што Османли впечтливо ја истражува и разотрива во својот извонреден роман. Ова е уште едно ангажирано, возбудливо книжевно дело на Османли.
Сложениот наратив на романот го сочинуваат девет меѓусебно поврзани текови, соединети во матицата на романот, којшто, од друга страна, го следат и го засилуваат впечатливи документарни елементи: автентични фотографии, агенциски вести, tweet-ови, два природно вметнати расказни цитата од “Делата апостолски” на Новиот завет, интернет адреси и – посебно – четири музички QR-кодови во органска врска со насловот и метафората на „Столбот што пее“. На тој начин новиот роман на Османли се јавува и како фикционален, документарен и мултимедијален, делумно и интерактивен наратив од нов вид.
Романот „Столб што пее“ во издание на „ВиГ Зеница“ се објавува со поддршка на Министерството за култура.