Шведската влада најверојатно ќе го преживее гласањето недоверба на министерот за правда Морган Јохансон, откако независната пратеничка Амине Какабавех соопшти дека ќе се воздржи од гласање.
Премиерката Магдалена Андерсон изјави дека нејзината социјалдемократска малцинска влада ќе поднесе оставка доколку на министерот му се изгласа недоверба.
-Одлучив да се воздржам од гласање за овој предлог, изјави Какабавех за шведската национална телевизија СВТ.
Без гласањето на Какабавех, предлогот за недоверба на министерот се очекува попладнево да биде поддржан од само 174 пратеници, еден глас помалку од потребните 175 гласа за соборување на министерот, а со него и на владата.
Опозициските партии од десниот центар во Шведска се обидоа да го соборат Јохансон поради неуспехот да се справи со организираниот криминал, што доведе до бран престрелки и убиства во последниве години.
Извор: МИА