Од среда ќе биде забрането емитување на сите руски телевизиски канали во Летонија, објави денеска националниот регулатор за радиодифузија.
Од руската анексија на црноморскиот полуостров Крим во 2014 година, Летонскиот Национален комитет за електронски медиуми (NEPLP) веќе забрани емитување на неколку големи руски ТВ канали во балтичката земја, наведувајќи дека поттикнуваат војна, агресивна пропаганда против Украина и нејзините граѓани и закана за безбедноста на Летонија.
Новата одлука се однесува на околу 80 специјализирани канали или канали од ограничен интерес со потекло од Русија, кои сè уште се достапни во Летонија, главно преку одредени кабелски оператори.
„Одлуката ја донесовме по неодамнешните измени на Законот за електронски медиуми, со кои се бара на телевизиски или радио станици регистрирани во земја која агресивно го загрозува територијалниот интегритет и независност на друга земја да не им биде дозволено да работат во Летонија“, се вели во соопштението.
Се додава дека одлуката ќе остане во сила сè додека Русија не ја запре војната во Украина и не се повлече од украинска територија, вклучувајќи го и Крим.
NEPLP му даде дозвола за емитување на поранешниот руски опозициски телевизиски канал Дојжд, кој престана со работа во Москва на почетокот на март и чиј персонал се пресели во Летонија. Каналот официјално ќе почне да емитува од Летонија на 9 јуни.
Извор: МИА