Двајца новинари на Ројтерс се повредени денеска при гранатирање кај Северодоњецк, источна Украина, а нивниот возач е убиен, потврди за Си-Ен-Ен портпаролот на британската агенција.
Претходно извор од Ројтерс за агенцијата Тас изјавил дека двајца новинари на агенцијата биле повредени кога украинската војска го гранатирала патот и го погодила автомобилот во кој се наоѓале.
– Мало парче шрапнел што го погоди Александар во ногата е отстрането и тој може да оди, а раката на Павел е скршена, рекол изворот, додавајќи дека и двајцата новинари се во болница во градот Рубежноје.
Портпаролот на Ројтерс изјави за Си-Ен-Ен дека повредените новинари биле во возило обезбедено од проруски сепаратисти и дека ги управувало лице задолжено за проруските сили.
– Ројтерс изразува длабоко сочувство до семејството на загинатиот возач, рече портпаролот.
Во последните неколку дена Северодоњецк во областа Луганск е место на жестоко гранатирање во борбата меѓу украинските и руските сили за контрола над тој град.
Извор: МИА