Обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска поднесе обвинителен акт против Лидија Димова, разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Александар Гочев, тогашен нејзин близок соработник и Ана Павлиду, пензионира благајничка во институцијата. Според обвинителката, сите три лица оштетиле средства на европската заедница. Лидија Димова се гони дека со намера за друг да прибави имотна корист ја злоупотребила положбата и овластување па постапила спротивно на Законот за јавни набавки и Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Таа ангажирала соработници во Агенцијата без да објави оглас, а меѓу нив е и ангажирањето на Зоран Златковски. Истовремено, Димова се гони и за исплаќањето на издатоци за службени патувања. Обвинителката бара одговорност од Димова и за склучени договори без јавни набавки.
„Непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др. Воедно, не практикувајќи ги Анексот II од Водичот на Европската комисија и Планот за јавни набавки на Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност за 2018 година во пет наврати постапила спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на парични средства сопственост на Буџетот на РСМ или средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име, не објавила оглас, не ги почитувала општите правила и не спровела постапка за јавна набавка, а склучила договори со четири правни лица за кои овозможила имотна корист“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Александар Гочев, е второобвинет и се гони бидејќи употребил факсимил со кој прикажал невистинити податоци за патување со цел да извлече пари од Агенцијата.
„Второобвинетиот времено ангажиран како надворешен соработник, заедно и по претходен договор со првообвинетата, во временскиот период од почеток на 2019 година до месец април 2020 година употребувајќи факсимил што му го дала првообвинетата изготвил десет обрасци за „каса исплати“ и прикажал невистинити податоци дека наведениот износ на парични средства претставува аванс за негово службено патување, без притоа да приложи соодветна документација пропишана во подзаконските акти. Врз основа на овие обрасци од страна на третообвинетата – благајник во Националната агенција за европски и образовни програми и мобилност му биле исплатени парични средства во вкупен износ од 943.757,00 денари“, посочија од Обвинителството.
Багајничката Ана Павлиду се гони бидејќи овозможила Гочев да ги извади средствата од Националната агенција.
Третообвинетата, како службено лице, благајник во Националната агенцијаза европски и образовни програми и мобилност пропуштила должен надзор и несовесно постапила при вршење на своите овластувања и должности и со тоа за друг прибавила поголема имотна корист. Таа, обрасците со невистинита содржина ги примила од второобвинетиот, иако немале оригинален потпис на првообвинетата, ниту пропратна документација и спротивно на работните обврски на нејзиното работно место не изготвила благајнички дневник и касов извештај од благајната и на второобвинетиот му ги исплатила паричните средства“, додаваат тие.
Со опишаните дејствија обвинетите предизвикале штета на други средства на државата – средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име во вкупен износ од 19.945.731,00 денари или околу 320.000 евра.
„При што првообвинетата сторила две кривични дела и тоа кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 ст.5 в.в ст.3 в.в ст.1 в.в чл.45 од Кривичен законик и кривично дело Измама на штета на средства на Европската заедница од член 249-а ст.2 в.в ст.1 в.в чл.22 од Кривичен законик; второобвинетиот сторил кривично дело Измама на штета на средства на Европската заедница од член 249-а ст.2 в.в ст.1 в.в чл.22 од Кривичен законик и третообвинетата сторила кривично дело Несовесно работење во службата од член 353-в ст.2 в.в ст.1 од Кривичен законик“, вели Обвинителстовто.
Случаите против Лидија Димова се поведоа откога „А1он“ објави дека скопска фризерница добила над 270.000 евра европски пари за едукација. Директорката Димова истражувањето го нарече манипулативно и организиран напад врз Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Обвинувања на сметка на Димова имаше и од пензионираната благајничка во Националната агенција, Ана Павлиду. Таа во интервју за „А1он“ посочи дека ѝ бил вршен мобинг, но и дека соработничка на директорката Димова ѝ се заканувала со убиство.
Фризерницата немало да го добие грантот од над 60.000 евра во акцијата „202“ доколку проектите биле финансирани според ранг-листата што ја направиле евалуаторите. Кога две апликации биле ставени на резервна листа, а една е одбиена за грант од евалуациската комисија, било прифатено да се финансира „В.Е.З. трејд“. Организација што имала повеќе бодови од „В.Е.З. трејд“ и не е финансирана со образложение дека има конфликт на интереси ја тужи Националната агенција. И Златковски се поврзува со вработена во Националната агенција, со која во минатото работеле на проекти со грантови од „Еразмус+“, но неговиот проект е со грант.
„А1он“ крајот на јануари објави и дека разрешената директорка Димова ја тужеше Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со тврдење дека била незаконски разрешена. Неофицијално, Управниот суд ја отфрлил тужбата, поради технички причини. По ова, таа се жалела до Виш управен суд, за кој уште не се знае дали донел одлука.