Од од 3 до 5 јуни, со почеток од 20 часот, во „Н.У. Филхармонија“, ќе се одржи единствениот фестивал кој го прославува звукот на лимените дувачки инструменти и има за цел да ја истакне и промовира нивната улога во музиката – „Скопски Брас Фестивал“.
Фестивалот ќе го отвори камерниот оркестар „Les étoiles“ (Диригент: Ана Спасовска; Солисти: Марио Јанковиќ и Стефан Илиев). Наредниот ден, публиката ќе има можност да го слушне неверојатниот унгарски тромбонист Ѓорѓи Живишијан, придружен од Шкељзен Бафтијари на пијано и Балкански Тромбонски Ансамбл. Додека пак, последниот ден е резервиран за „Брас на кирилица“ – вечер посветена на македонски лимени состави.
Дополнително, во текот на сите три дена, во фоајето на „Н.У. Филхармонија“, од 10:00 – 15:00ч., ќе биде поставена изложба на дувачки инструменти од брендовите на светски познатата компанијата „Buffet Crampon“.
„Програмата на второто издание на „Скопски Брас Фестивал“ е искреирана со цел на посетителите да им овозможи да доживеат нови искуства и да се запознаат со лимените инструменти на сосема поинаков начин. Исто така, оваа година, на наше огромно задоволство, на фестивалот се придружува еден од најреномираните и најголемите светски производители на дувачки инструменти „Buffet Crampon“. Благодарение на оваа соработка, добиваме можност да ги презентираме дувачките инструменти во вистинско светло – како уникатни уметнички дела, кои го прават животот побогат.“ – изјави Александар Ниниќ, Претседател на „Макбрас Асоцијација“ и организатор на „Скопски Брас Фестивал“.
Влезот на сите концерти е бесплатен и поканети се сите кои сакаат да го збогатат и освежат своето секојдневие со нешто ново и, секако, да уживаат во квалитетна музика. Капацитетот на салата е ограничен до 300 лица и вратите ќе бидат отворени до пополнување на капацитетот.
Настанот е поддржан од „Министерставо за култура“, „Град Скопје“ и „Макбрас Асоцијација“.