Руски апелационен суд денеска ја потврди деветгодишната затворска казна и строг затворски режим против главниот опозициски лидер Алексеј Навални, кому му се судеше за „измама“ и „непочитување на судот“.
„Пресудата на судот Лефортово од 22 март е непроменета“, изјави судијата на градскиот суд во Москва и изјави дека „стапува во сила веднаш“.
На 22 март, московскиот суд го прогласи водечкиот руски опозициски лидер Алексеј Навални за виновен за „финансиска измама од големи размери“. Во тоа време тој веќе издржуваше затворска казна.
„Навални извршил проневера, односно кражба на туѓ имот со измама и злоупотреба на довербата“, стои во пресудата на судијката Маргарита Котова.
Навални исто така беше осуден за непочитување на судот.Тој се појави преку видео врска од затворската колонија Покров, на 100 километри од Москва, каде ја издржува првата казна.
Извор: МИА