Унгарскиот премиер Виктор Орбан наредил истрага на причините за смртта на осум предвремено родени бебиња во период од пет дена во болница во североисточниот град Мишколц.
Министерот за здравство Миклош Сочка изјави за радио „Косут“ дека бебињата починале меѓу 5 и 10 август. – Моментално се води истрага за откривање на евентуална инфекција, истакна Сочка во видео објавено на официјалната страница на Владата.
Според Сочка засега нема да биде затворено специјалното одделение во болницата каде годишно се негуваат стотици предвремено родени бебиња.
Сртноста во одделението на годишно ниво е намалена од околу 50 на околу 30 бебиња во последните две години.
Министерот Сочка нагласи дека резултатите од лабораториските тестови ќе бидат готови по една недела и дека очекува истрагата да заврши за две недели.
Директорот на болницата е привремено отстранет од функцијата. Портпаролот на полицијата објави дека е почната криминална истрага, но не објави повеќе детали.