Камен-темелник на термоелектроцентрала на биогас беше поставен во фабриката за јајца и производи од пилешко месо „Везе шари“ и „Лекер“ во тетовски Требош.
За најновата инвестиција за производство на алтернативна електрична енергија вредна околу 5 милиони евра, покрај домашни, за потребните анализи и тестови, биле консултирани германски експерти и инженери.
„Експертите ни ја дадоа најдобрата формула за алтернативна електрична енергија со што ќе се даде придонес и за зачувување на околината. Од кокошкино ѓубриво и други отпадоци ќе се овозможи производство на 1 MW електрична енергија на час“, вели сопственикот на фабриката, Арбен Абдурамани.
Министрите за економија и за животна средина, Ваљон Сараќини и Абдулаќим Адеми, посочија дека владата ќе продолжи да презема мерки за привлекување на домашните и на странските инвеститори.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денешниот настан го поврза со 12-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Со тоа, според него, се покажува дека сега е дојдено времето за инвестирање и заживување на економијата во Македонија.
„Покрај симпозиумите и другите активности што ги организираме по повод 12 години од Охридскиот рамковен договор, ние сакаме да дадеме и значење на инвеститорите и инвестициите, затоа што, покрај правните и политичките промени, ние се залагаме и за отворање на нови работни места и вака сакаме да испратиме порака и до домашните и до странските инвеститори да ги разгледаат можностите за инвестиции во Македонија“, додаде Ахмети.
Се очекува новата гасна електроцентрала, како иницијатива на компанијата „Електро Шари“, да биде пуштена во употреба следната година.
Г.М.