Владата донесе измена во субвенциите за проектот „Купи куќа, купи стан“ со која парите за половина учество станаа неповратни. Измената ќе важи и за новите и за веќе земените кредити. Граѓаните сега можат на самиот старт од проектот да добијат неповратни 9.200 евра за стан или 15.000 евра за изградба на куќа, а оние корисници кои веќе аплицирале за половина учество и го добиле заемот, немаат обврска да го враќаат.
Според Министерството за финансии, новата поволност значително ќе го зголеми интересот за купување стан или куќа со финансиска помош од државата.
– Ова е животна шанса за оние кои имаат некакви, но недоволни средства да добијат значителна сума и да се стекнат со сопствен дом.
Во случај на купување стан државата дава 50 отсто од учеството или 9.200 евра за кредит од 50.000 евра. За купувањето или изградбата на куќа, каде што државата покрива 75 отсто од учеството, корисникот добива 15.000 евра за кредит од 50.000 евра, велат од Министерството.
Бенефицијата важи доколку корисниците се придржуваат на веќе востановеното правило исплатата на кредитот да ја вршат подолго од десет години.
Моделот „Половина рата“, додаваат, е исто така атрактивен ако се има предвид дека во тој случај корисникот на кредитот ќе плаќа поевтина рата за свој дом отколку месечна кирија.
– Во „Половина рата“ за 50.000 евра кредит ратата изнесува 330 евра од кои корисникот плаќа само 82 евра, а државата 250 евра во првите пет години. Сите тие што плаќаат кирија од 100 евра месечно, можат наместо тоа да плаќаат 82 евра рата и да изградат куќа или да купат стан, истакнуваат во Министерството за финансии.