Во престрелки и бомбашки напади денеска во Ирак загинаа најмалку осум луѓе, еден ден откако во насилства ширум земјата загинаа речиси 80 лица.
Напаѓачи денеска отворија оган врз еден контролен пункт на сунитски борци во близина на градот Бухриз, околу 60 километри североисточно од Багдад и убија две лица.
Во бомбашки напад во парк во градот Балад, северно од Багдад загинаа три лица, додека во експлозија на бомба поставена на пат загинаа тројца припадници на антитерористички полициски одред.
Во текот на овогодинешниот Рамазан во Ирак во бомбашки напади загинаа 671 човек, најголем број жртви од 2007 година.