Европската Унија ќе и помогне на Молдавија со дополнителни 52 милиони евра за реформите и економското закрепнување, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Ова го соопшти денеска Европската Комисија, откако претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел ја посети Молдавија, а еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, во Европскиот Парламент ја истакна важноста од соработката помеѓу ЕУ и Молдавија.
Молдавија се соочува со наплив на бегалци од Украина, но и со опасност од руска агресија врз нејзината сепаратистичка територија, Транснистрија.
Европската Унија и вети на земјата дополнителни 52 милиони евра за да го поддржи реформскиот напредок во Молдавија, како и економското заздравување.
Според планот на ЕУ, две области се покриени со оваа финансиска асистенција. Едната е помош во делот на доброто владеење и борбата против дезинформацијата, другата е економскиот развој, преку поддршка за мали и средни претпријатија, подобрување на бизнис климата и помош за невработените.
Извор: МИА