Горниот дом на белорускиот Парламент одобри нацрт-закон со кој се предвидува можност за смртна казна за обид за терористички акт, јави државната новинска агенција Белта.
Белоруските пратеници на крајот на април во две читања усвоија предлог-закон за измена на Кривичниот законик, со кој се нуди можност за примена на смртна казна во случај на обиди за терористички напади.
Прес-службата на Долниот дом на парламентот нагласи дека „нацрт-законот е подготвен со цел да се одвратат деструктивните елементи, како и да се демонстрира решителната борба на државата против терористичките активности“.
Во Белорусија, за да стапи во сила, нацрт-законот мора да биде одобрен од двата дома на парламентот и потпишан од претседателот.
Извор: МИА