Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација Перо Антиќ во интервју за неделникот „Република“ го најави своето дефинитивно повлекување од националниот тим.
– Ова европско првенство е, дефинитивно, моето последно репрезентативно играње. Имав многу објаснувања зошто е тоа така. Сега веќе секое утро и моето тело ми објаснува мене, така што ова е дефинитивна одлука, вели македонскиот кошаркарски репрезентативец Перо Антиќ.
Тој смета дека на Европското првенство во Словенија македонската репрезентација може да покаже добра игра и да се претстави како сериозен тим, а другото сe ќе си дојде на свое место.
За Антиќ најдоброто нешто што му се случило во кариерата е пречекот од македонските навивачи по ЕП во Литванија.
– Снимките од тоа Европско првенство, од самиот пречек, се моето апче за смирување. Секогаш, навечер, кога сум вознемирен, ги гледам. Едноставно, се се совпадна, се беше совршено. Нешто најубаво… И покрај двете европски титули, пречекот во Скопје по ЕП во 2011 година ми е нешто најмило од кариерата.
Првиот македонски кошаркар кој ќе заигра во НБА лигата очекува голема поддршка од македонската фаланга и на евро-шампионатот во Словенија.
– Мислам дека поддршка ни е потребна. Очекувам перфектна организација од Словенија. Очекувам истата хемија и еуфорија да бидат пресудни за добар успех, истакнува македонскиот капитен.