Во Њу Делхи се воведени зголемени безбедносни мерки откако разузнавачките агенции соопштија дека има опасност од терористички напади во главниот град на Индија.
Се претпоставува дека напади подготвува пакистанската терористичка организација „Лашкар е тајба“ на Хафиз Саид.
Апсењето на Саид е едно од главните спорови во индиско-пакистанските односи. Индија инсистира да му се суди на Саид за организирање на голем број бомбашки напади, меѓу кои и нападот во Мумбај во 2008 година при што загинаа 166 луѓе. Пакистан тврди дека нема доволно докази за вмешаноста на Саид во нападите.
„Лашкар е тајба“ е формирана во 1990 година и се смета за една од најголемите терористички организации во Јужна Азија. Групата води вооружена борба за отцепување на државата Џаму и Кашмир од Индија.