Дождот во Скопје утрово нема да го одложи штрајкот на матичните лекари. Тие ги затворија ординациите и патуваат кон Скопје за напладне пред Министерството за здравство уште еднаш, јавно, да ги кажат барањата за реформи во работењето, зголемување на капитациониот бод, менување на правилниците за работа, укинување на казните за пропишување лекови по истечен специјалистички упат за да се овозможи достоинство и за пациентите и за лекарите.
Лилија Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари кое е организатор на протестот вели дека дождот во Скопје воопшто не ги замислил за одложување на протестот.
„Очекувавме дожд, ја проверивме прогнозата и уште вчера на членството му порачавме да си дојдат со чадори. Луѓето се тргнати, одлагање нема оти немаме друг начин за да ги чујат нашите барања. Се обидовме со убаво да објасниме во каква состојба сме, но немаше слух“, вели претседателката Чолакова – Дервишова.
Ова е трет протест на матичните лекари со исти барања, за реформи на кои велат дека чекаат десет години.
Протестот на матичните лекари го поддржаа и Здружението на лекари по општа – семејна медицина и Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина.