Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го изведе концертот насловен „Омаж за Саша Николовски -Ѓумар“, посветен на големиот македонски диригент. Пред концертот во фоајето на Филхармонија ќе биде отворена и изложба на дела од Саша Николовски -Ѓумар, кој освен диригирањето кое му беше професија, имаше пасија и кон сликањето и пишувањето.
На програмата на овој концерт се две дела од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов – Концерт за пијано и оркестар број 3 и „Симфониски танци“. Како солист на пијано ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, а диригент е Вања Ѓумар Николовски.
Рускиот композитор Сергеј Рахмањинов (1873-1943) има посебно место во историјата на музиката. Беше композитор кој пишуваше исклучително романтична музика, иако живееше и создаваше до средината на 20 век. Тој продолжи таму кај што застана Чајковски, збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век со индивидуализам и препознатливост. Концертот бр.3 е фантастично музичко дело, иако многу малку пијанисти ќе се сложат со Рахмањинов дека е „попријатен“ во техничка смисла од Вториот. Она по што е препозатлив, типичен и уникатен е фактот што не е напишан во типично романтичарски рамки во кои солистот е „главна ѕверка“, туку има похуман музички контекст во кој солистот свири флексибилно, посветено и заедно со секој музичар во оркестарот учествува во создавањето на музичкото дело.
Рахмањинов посебно го почитувал Сиимфонискиот оркестар на Филаделфија и неговиот музички директор Јуџин Орманди. Како пијанист со него настапувал повеќе пати, а како композитор исклучително го ценел квалитетот на овој симфонски оркестар. Некаде околу 1930 година, Рахмањинов во една прилика изјавил дека секогаш кога пишува оркестарска музика го има овој ансамбл на ум. „Со оркестарот на Филаделфија сакам да настапувам најмногу, тоа ми е омилен ансамбл“, истакнувал тој. Кога започнал да работи на „Симфониските танци“ освен што на ум го имал овој оркестар, воедно мислел и на тоа дека овој ансамбл премиерно ќе го изведе ова дело. Инаку ова не е едниствено дело кое Рахмањинов го напишал за оркестарот од Филаделфија – тука се и „Рапсодија на тема од Паганини“ и Концертот за пијано и оркестар број 4 кои исто така првпат се изведени токму од овој ансамбл. Светската премиера на „Симфониските танци“ се случила на 3 јануари 1941 година и тие всушност биле последна композиција на Рахмањинов – починал две години откако ги завршил.
Дино Имери (1990) е еден од 7најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката на неговите концерти. Настапувал во Австрија (турнеја во Палата „Естерхази“, „Liszt-Zentrum“, J. Haydn Kons), Италија (Рим, Бари), Франција (рецитално отворање на „Piano Plage Festival“, Orchestre Philharmonique de Strasbourg), Хрватска (Загреб: „Ватрослав Лисински“, Državni arhiv, Muzej Umjetnosti i Obrt, Дубровник: Epidaurus Festival), Србија (Галерија „Artget“ – Белград), Бугарија (гостувал рекордни пет пати во три сезони на Софиската Филхармонија, дополнително изведувајќи рецитал со дела од македонски автори во Софија во рамки на циклусот „Музиката на Европа – Македонија“), Словенија (Љубљана Фестивал) и др. За неговата уметност стручната критика ќе напише: „Дино Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење.“ (Е. Дочева, Kultura.bg) Настапувал со Стразбуршкиот Филхармониски Оркестар, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ-Скопје, Оркестарот на Националната Опера и Балет. Соработувал со еминентни уметници меѓу кои диригентите Јосеп Висент, Најден Тодоров, Емил Табаков, Саша Николовски-Ѓумар, Дијана Имери Илкоска, Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, Кире Костов, Ле Фи Фи, Бисера Чадловска, потоа пејачи и инструменталисти како Игор и Ана Дурловски, Благој Нацоски, Либуше Санторисова, Алексеј Шаповалов, Луиџи Скифано, Бојан Илкоски, Влатко Стефановски, Ади Имери, Стојан и Нинослав Димови, актерката Симона Спировска, балерина и кореограф Ивана Коцевска и др. Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои награда „Виртуози“ за млад музички уметник, „св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондација „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на Популарноста, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie и др. Покрај концертната дејност, Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи меѓу кои „Dino Imeri LIVE“ (2010, Piano Plage France), “Reflections” (2020, PMG Jazz), “Passions” (Con:tempo, 2021) и др. Имери бележи бројни успеси и како млад композитор, пишувајќи музика за филм, театар (соработка со независниот театар Артопија), балет („Дијалози“ на Ивана Коцевска), инструментална и вокална музика, мултимедијални проекти („Проста и строга македонска песна – 100 години од раѓањето на Блаже Конески“). Со своето образование се стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести и просек 10,00 на ФМУ-Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Во 2018 г. Дино Имери се стекнува со звање доцент и предава на својот Алма Матер – Факултетот за Музичка Уметност во Скопје при УКИМ.
Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург на Конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје во класата на проф. Гоце Коларовски. Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, Хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес …). Паралелно со ова активен е на полето на музичкото творештво, а неговите дела се изведуваат на „Деновите на македонска музика“, „Охридско лето“, средбите на музичките академии од поранешна Југославија. Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Во своето творештво минува низ различни фази. За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Во ова време ги проучува и композиторските системи на Месијан и Шенберг и уште некои алтернативни правци преку кои се обидува да го пронајде патот за најавтентичен израз на своите музички инспирации и да воспостави (Битола, 13.01.1968) композитор и диригент Вања Ѓумар Николовски директна и непосредна врска меѓу својата музика и публиката. Бескрајната творечка љубопитност подоцна го водат и во други творечки правци (минимализмот, џезот, фолклорот, не само на сопствената земја, туку и на другите народи од различни континенти. Сето тоа резултира со полустилистичко музичко творештво што би требало да биде синтеза на различностите во еден единствен музички универзум. Денес, со веќе изграден творечки стил, Вања Николовски во создавањето на своите дела приоѓа на интуитивен и рационален начин. Родените, создадените теми и идеи во сопствената свест се пуштаат „низ филтерот“ на сопствената творечка вештина, низ сопствениот занает, и преку класичните начини на мотивска и тематска работа, низ разложувањето на вертикалните склопови во хоризонтални елементи (теми, мотиви и сл.), низ нивната комбинација се доаѓа до посакуваниот резултат. Притоа, особено важна улога во неговиот опус игра ритмичката компонента.