„Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска во продукција на Кино Око со проекција на 25-ти април во Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк ќе ја има својата американска премиера во рамките на 51-то издание на престижниот фестивал New Directors/New Films кој се одржува од 20-ти април до 1-ви мај.
Повеќе од половина век, фестивалот ги слави филмаџиите кои зборуваат за сегашноста и ја предвидуваат иднината на кинематографијата и чии смели дела го изнесуваат на површина неочекуваното на впечатлив начин. Овогодинешниот фестивал ќе претстави 26 долгометражни и 11 кратки филмови, вкупно 39 режисери, од кои 21 се жени, пред љубителите на филмот во кината во МоМА и Линколн центар.
Филмот „Северен пол” досега учествуваше на повеќе од 40 интернационални фестивали и освои неколку награди како и номинација за Европските филмски награди (EFA) и се квалификуваше за наградата Оскар.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Биљана Гргур, дизајн на шминка Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг Кирија А. Николоска. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ од Сервиа Филм, Миодраг Поповиќ од Форгрејд од Србија и Петер Шекереш од Тиволи продукција од Унгарија.
„Северен пол” е финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Српскиот филмски центар.