Започна реновирањето на Малиот Парк кај Ликовниот салон во Велес, којшто ќе биде преименуван во „Парк на пријателството“, како резултат на одличната соработка меѓу Велес и Општините Адалар и Каршијака од Република Турција.
– Паркот ќе го симболизира пријателството помеѓу двете збратимени општини: Велес-Адалар и Каршијака. Во паркот ќе бидат поставени сегменти и симболи на двете држави. Паркот ќе добие сосема нов изглед, ќе се постави споменик на Кемал Ататурк, турска чешма, зеленило и партерно уредување, како во внатрешноста така и во надворешноста со тротоарот околу паркот, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на Велес Славчо Чадиев.
Проектот ќе чини повеќе од 50.000 евра, а средствата целосно се обезбедени од страна на двете турски општини, како и проектната документација и работната сила, а општина Велес со претходниот договор само го обезбедува просторот за реализација на проектот.
Од просторот на сегашниот парк подолго време се отстранети две бисти на народни херои од НОВ, кои според информацијата Чадиев во договор со Општинскиот сојуз на борци уште во времето на претходниот градоначалник Горан Петров, а за што се согласил и тој, наскоро ќе бидат преместени кај Спомен-костурницата во новата „Алеја на великаните“ која треба да се реализира идната година во соработка со Министерството за култура.
Според градоначалникот во иднина може да се очекува некоја од двете турски општини да направи нешто слично како општина Велес со поставување на спомен-обележје.
Новиот „Парк на пријателството“ што ќе се реновира седумдесетина дена, свечено ќе биде пуштен со присуство на делегации од двете турски општини.