Засега две работи се сигурни. Прво, имаме апсолутна доволност на пазарот и второ, пазарните контроли ќе бидат интензивни за да се спречи било каква појава на профитерство, истакна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница, јави дописничката на МИА од Атина.
Рече дека „последните тешки бранови на пандемијата сега се спојуваат со оние од руската инвазија, формирајќи досега непозната клима на меѓународна загриженост пред непредвидливо утре“ и потенцираше дека потребни се иницијативи и на европско и на национално ниво.
На европско ниво, повтри дека во тек е постапка за постепена замена на рускиот гас со други извори.
-На маса е грчкиот предлог за заедничка набавка и складирање на природен гас во име на сите земји членки на Европската унија. И првите одлуки донесени во насока на консултации меѓу Европската унија и САД покажуваат дека ова е избор кој може да има опипливи, ефективни и брзи резултати, истакна Мицотакис.
На национално ниво, објасни дека мерките за спавување „со увезената инфлација достигнуваат речиси четири милијарди евра“ и се во четири насоки: вонредна помош од 200 евра пред Велигден за економски најранливите, покривање на голем дел од зголемувањето на цената на струјата, субвенција за гориво и посебна помош за малите и средни претпријатија, за земјоделците, за транспортот.
Извор: МИА